Banner
„СВЕДМИЛК“ ПРЕД КОЛАПС
Wednesday, 26 November 2008 05:18
altalt swedmilk.jpg Компанијата им должи повеќе од милион евра на млекопроизводителите
„Сведмилк“ е во катастрофална финансиска ситуација. Им должи на македонските фармери повеќе од еден милион евра, но кога ќе ги исплати се уште не се знае.
Според менаџерот Роџер Оскарсон, причина за колапсот е желбата на еден од акционерите да ја преземе млекарницата.

Станува збор за „М и А Бевериџ“ која поседува 37 отсто до акциите на „Сведмилк“. Пред неколку месеци, без да плати, земала поголема количина млеко наводно за извоз, а го вратила на македонскиот пазар, објасни Оскарсон на денешната средба со новинарите.

„Сведмилк“, сепак, нагласи Оскарсон, нема да се затвори и најверојатно ќе закрепне до крајот на годинава.

- Пролетва ја преземавме цела количина млеко од нашите кооперантни. Во јули договоривме поголем дел да дадеме на компанија поврзана со „М и А Бевериџ“ за извоз во Србија, БиХ и други земји, но договорот беше веднаш прекршен. Млекото наместо да се извезе, се врати во Македонија, предизвикувајќи и на „Сведмилк“ финансиски удар. Поради тоа, внесувањето пари во август, септември и октомври беше драстично намалено, објасни Оскарсон.

Тој, како што рече, не бил свесен што се случува се до 4 ноември кога го посетиле претставници на „М и А Бевериџ“.

- Ми рекоа дека финансиската состојба на нивната фирма е толку слаба што е многу тешко да се спаси компанијата. Предложија јас и мојот партнер Јосиф Саржоски да им ги продадеме акциите по многу ниска цена, а истото тоа да го стори и третиот акционер „Сведфанд“. До тој момент им верував. Не можев да верувам дека ова всушност било планирано неколку месеци претходно за да се преземе „Сведмилк“, нагласи Оскарсон.

Менаџерот на млекарницата е категоричен дека нема да ги продаде акциите, ниту ќе си оди од Македонија. „Сведмилк“ минатата недела поднесла тужба против „М и А Бевериџ“ за подмирување на долгот. Со тие пари планира да ги исплати фармерите. Истовремено ги информирала и своите кооперанти за состојбата во која се наоѓа.

- Минатата недела се сретнавме со претставници на Федерацијата на фармери. Детално им ја објаснивме ситуацијата и побаравме од нив да имаат трпение и разбирање за многу тешката ситуација во која се наоѓаме. Партнерство со производителите е нашата парола уште од почетокот, рече Оскарсон.

Од идниот месец, нов дистрибутер на млекарницата ќе биде скопската фирма „Еурограндс“. - Во декември ќе потпишеме договор за дистрибуција со новиот партнер „Еурограндс“, сопственост на Ален Хаџибулиќ, еден од ретките кој има капацитет да го замени нашиот досегашен соработник. Тој планира да инвестира еден милион евра во возила за разнесување млеко и јогурт, рече Оскарсон.

Соработката на „Сведмилк“ со „Хедис“ и „Данон“ продолжува. Оскарсон најави наскоро враќање на македонскиот пазар, извоз во земјите од регионот и потпишување договор со дистрибутер од Црна Гора за максимум една недела кој ќе зема 200 тони месечно различна палета „Сведмилк“ производи. - Добивме понуда и од хрватскиот ланец маркети „Гетро“. Оттаму побараа да направиме специјален бренд што ќе се продава во Хрватска под нивно име, рече Оскарсон.

За ситуацијата на млекарницата се информирани и владите на двете земји, Македонија и Шведска.

„Сведмилк“, покрај „М и А Бевериџ“, има уште три акционери. „Сведфанд“, фонд на шведското МНР, кој поседува 27,5 отсто, Оскарсон кој располага со 23 проценти и Саржоски  кој е сопственик на 12,5 отсто од акциите. Според акционерскиот договор, за поголемите одлуки во млекарницата мора да има сторпоцентна согласност на сите четири партнери.

Генерален директор на „МиА Бевериџ“ е Ала Ал Кафаги, Македонец со ирачко потекло.

„Сведмилк“ е во Македонија од 2006 година, а има склучено договор со вкупно 2.200 кооперанти.

„М и А Бевериџ“ попладнево со соопштение го демантира Оскарсон.

- Изјавата на менаџерот е невистинита и не ја рефлектира вистинската финансиска ситуација меѓу „Сведмилк“ и „М и А Бевериџ“. Ова е лош обид да се сврти вниманието на јавноста поради големата сума пари што млекарницата им ја должи на фармерите, наведува „М и А Бевериџ“.

Според „М и А Бевериџ“, Оскарсон реагира на фактот дека „М и А Бевериџ“ и „Сведфанд“, како најголеми акционери, се незадоволни од финансиската и оперативна изведба на компанијата и дека официјално побарале сегашниот, високо платен менаџер, да се отстрани.
(Сител телевизија)
 

COMPANIES

Banner
Banner
Banner
Banner
Banner

FUNDS


Exchange rates from NBRM

21.05.2012

Buying Selling
EUR61.352461.969
USD48.229248.7139
GBP76.2977.0567
CHF51.075951.5892
SEK6.74236.8101
NOK8.07538.1565
JPY0.60.61
DKK8.25428.3371
CAD47.416647.8932
AUD47.637548.1163
Copyright MK FUNDS © 2009 All Rights Reserved. Designed by Imaginative Advertising.